Суштината на злото е во злоставувањето на свесното битие, битие кое е способно да осети болка. Станува збор за болката, а болката е важна. Свеста веднаш го поима злото, емоциите веднаш го чувстуваат злото; според тоа, злото им се покажува на сетилата како намерно нанесена повреда. Постоењето на злото не бара други докази: постојам, значи трпам зло.
Б. Расел, Митот за ѓаволот
Љубовта се менува од човек до човек, од љубов до љубов, од град до град. Се заљубуваме во случајните неправди кои времето им ги носи на другите луѓе: за една љубов да постои, мора друга претходно да умре. Не постои љубов која не пораснала, исто како што не постои љубов која секојдневно не се менува. Кога прв пат те видов, во насмевката оставав една друга љубов, случајно убава жена за моето тело која ја немаше никаде во мојата глава. Нема ништо особено во имињата кои се повтруваат, освен сознанието дека не може да се случи грешка во издишувањето. Секоја погрешна љубов се знае себе си и се памети, колку да не се повтори во времето кое доаѓа. Тебе те видов некаде во неодреден темен часовник, некаде пред полноќ. Колената не ми се затресоа, ниту ми се забрза чукањето на срцето. Мислев дека тоа е само една ноќ која ќе се заборава. Љубовта не избира заборавање, избира да се случи, а кога ќе престане да се случи, кога ќе се потроши, тогаш остануваат само сеќавањата, лоши или добри.
-Секогаш ќе ме сакаш вака?- ме праша додека ги врзував чевлите.
Полноќта одамна беше заминала. Лицето ми беше поспано. Мирисав на непознат парфем. Креветот беше растурен, собата мирисаше на цигари и кафе. Беше предоцна за кафе.
-Секогаш- одговорив без да го помрднам погледот од чевлите.
-Лажеш.- рече отсечно и сосема незаинтересирано, па запали цигара не поместувајќи го голото тело од креветот.
-Лажам- одговорив. Ќе те сакам во овој миг. Утре ќе биде нов ден и ќе те сакам поинаку.
-Ти си малку луд- одговори со насмевка и вовлече дим.
-Само ти кажувам како што е. Утре можеби ќе биде поинаку.
Потоа станав од креветот и го стегнав каишот околу половината. Ме погледна дирекно во очите, без да трепка.
-Не сакам празен кревет. Остани.
Беше една хотелска соба, изнајмена за ниска цена. Тука бевме и двајцата. Двајцата во туѓ град кој сега веќе е мој.
-Во ред- реков и го слеков црниот костум. Чевлите ги ставив покрај балконската врата, а кошулата уредно ја закачив на една искривена метална обесалка. Беше еден топол мај. Во тоа време косата ми беше долга и чувстував како ми е врело во главата, како ми поти вратот. Ја собрав во еден краток реп и легнав, делеќи ја перницата. Секогаш спијам во третина од креветот, во онаа мојата, за да оставам третина измеѓу и да не влегувам во нечии други третини. Ми легна на градите и чувстував како опуштено дише. Ги затворив очите. Со левата рака ме фати за рамото и силно ме стисна, туткајќи се во мене.
-Ова ќе трае.- прошепоти.
Не одговорив ништо.
-Ќе трае- прошепоти уште еднаш и можев да почувстувам како сосема се опушта и заспива.
Во таа ефтина хотелска соба над градот кој брмчеше во сопственото спиење, почнав да се заљубувам. На таванот, во долниот десен агол имаше мала кафеава флека, најверојатно настаната како последица од убивањето на некаков инсект. Ја гледав таа флека. Имав многу флеки во душата. Таа ноќ во тој кревет легнав со безброј лаги во себе. А во љубовта се бројат само белите лаги. Моите не беа такви. Беа лоши. Намерно кажани. Чистење образ кој никогаш немаше потреба да биде исчистен.
-Нека биде вака- помислив.
Во следниот миг ја гризнав долната усна. Си кажав себе си лага. Станав лош за себе. Во новиот град утрото веќе се тркалаше. Можев да се истркалам од тој кревет и никогаш веќе да не налетувам на случајни разговори кои предизвикуваат случајни љубовници. Останав да го преспијам утрото.
После продолженото утро се разбудив сам во креветот. Балконската врата беше широко отворена. Балконот сосема празен. Отидов во тоалетот и се вратив во креветот. Зедов еден пепелник и го ставив на стомакот. Прва цигара за тоа утро. Потоа шкрипна бравата.
-Добро утро, среќо- ми рече, разлевајќи огромна насмевка.
-Добро утро.
-Како ме сакаш денес?- праша и ја отвори насмевката уште повеќе.
-Рано е.- реков и ја згаснав цигарата.
-Зарем е рано за да се сака?
-Рано е дури и за да се зборува.- реков и станав од креветот.
Во рацете имаше две пластични шолји со капаци. Мирис на кафе.
-Ќе те сакам најмногу после кафето- реков.
Ми ја подаде пластичната чаша и се потпре на ѕидот зад креветот, местејќи една перница на половината.
-Слатко?- прашав
-Секако- рече и ме бакна, прегрнувајќи ме околу вратот со левата рака.
Потоа водевме љубов. Денот се претвори во ноќ, остана уште по една ладна голтка кафе во пластичните чаши. Заспа. Се искрадив од креветот и се облеков, па на прсти излегов од собата. Градот прекрасно брмчеше. Застанав во првиот бар и испив чаша џин. Потоа уште една. И уште една. Не ни помислував на луѓето кои сонуваа во моите позајмени кревети. Бев важен само јас. Морав да ја разбистрам главата.
-Се заљубуваме сосема неочекувано- му реков на шанкерот.
-Се ззљубуваме- ми рече, сипајќи уште една чаша.
-И што?- го прашав.
-И се одљубуваме- ми рече.
Ја испив чашата во еден здив и излегов со цигара во устата. Се вратив назад во собата над градот. На заспаното лице имаше една приказна: љубов која ќе се заврши. Не беше важно. Се соблеков и легнав во креветот.
Утрото секогаш носи уште нешто освен кафе по мерка.